Одложено ограничувањето за летните тераси, се забрануваат „вкусните“ електронски цигари

Владата одлучи да им излезе во пресрет на угостителите и да ја одложи примената на строгите правила за пушење на отворените тераси затворени од три страни. Ова е дел од измените на Законот за заштита од пушењето, за кои денеска информираше министерот за здравство, Азир Алиу.

Целта на одложувањето е да се остави доволно време за инфраструктурно приспособување на објектите кон новите законски норми.

Министерот појасни дека по широките консултации со сопственици на локали, производители и експерти, прифатени се дел од логичните забелешки, но воведени се и строги рестрикции за електронските уреди:

  • Забрана за електронски цигари во затворен простор: Барањето овие уреди да продолжат да се користат во внатрешноста на локалите е дефинитивно одбиено. Тие ќе се третираат исто како и традиционалните цигари.
  • – Стоп за „слатките“ вкусови: Ќе се забрани продажбата на сите вкусови на електронски цигари кои се атрактивни за младите (овошни и слатки вкусови).
  • Дозволени само два вида вкусови: На пазарот ќе останат достапни единствено електронските цигари со неутрален вкус и со вкус на тутун.

Според анализите презентирани од Министерството, Македонија се наоѓа во самиот врв во Европа по користење на нетрадиционални тутунски производи кај младата популација.

„Целта на законот е заштита на населението со фокус на младите. Цениме дека електронските цигари се исто толку штетни колку и традиционалните и нема да дозволиме нивна употреба во затворени простории,“ нагласи министерот Алиу.