Одложено рочиштето за штипјанецот обвинет за убиството на мајка му

Судското рочиште против 54-годишниот Стојанче Зарков, обвинет за убиството на неговата 84-годишна мајка на 8 август годинава, започна, но веднаш беше одложено. Причината е новиот доказ доставен од обвинителството – вештачење на ножот на кој, според наодите, биле пронајдени траги од крв и од жртвата и од обвинетиот.

Обвинителката од Основното јавно обвинителство Штип, Тања Кацарова, го приложи вештачкиот наод како дополнителен доказ. Бранителот и обвинетиот побараа време за увид и анализа на приложениот материјал, по што судот го прифати барањето и го одложи рочиштето. Предметот го води судијата Сашко Ѓорѓиев.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 8 август околу 02:00 часот, во семејниот дом во Штип, С.З. со остар предмет ѝ нанел убодна рана на неговата мајка, која починала на самото место. Екипа на Итната медицинска помош ја констатирала смртта.

Осомничениот бил лишен од слобода во 04:15 часот од страна на полициски службеници на СВР Штип. По наредба на јавен обвинител, телото било предадено на обдукција, а на лице место бил извршен увид под раководство на обвинителството. Оружјето за кое се сомнева дека е употребено во делото било пронајдено и одземено.

Обвинетиот е познат на локалната јавност како поранешен сопственик на угостителски објект.