Официјално денеска ќе биде пуштена во употреба новата компресорска станица за хируршките клиники

Денеска, официјално ќе биде пуштена во употреба новата компресорска станица за хируршките клиники, соопшти Министерството за здравство. На настанот ќе присуствува министерот за здравство, Арбен Таравари.

Оваа инвестиција е резултат на долгогодишен проблем со операционите сали на Клиничкиот центар во Скопје, кои во месец мај минатата година беа затворени поради непријатна миризба која доаѓала од стариот систем за компримиран воздух. Поради тоа, пациентите кои имале потреба од итни хируршки интервенции, беа упатувани во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ и во Градската општа болница „8 Септември“.

Стариот компресорски систем, кој беше изградена пред 33 години, требаше да биде заменет уште пред три години, но поради низа проблеми и забави, се доцнеше со неговата замена. Неработењето на оперативниот блок беше голем удар врз Клиничкиот центар, кој е столб на македонското здравство.

На 1 јули минатата година, Министерството за здравство објави дека започнуваат напорите за решавање на проблемот со хируршките сали, објавувајќи тендер за набавка на нови компресори. Сепак, во средината на јули беше поништена постапката поради недостаток на понуди. После тоа беше организиран нов тендер.

Министерството за здравство на 22 јануари информираше дека процесот на монтажа и инсталација на новиот систем за компримиран воздух е успешно завршен во целост. Монтирани се три нови компресори со сите потребни придружни компоненти, како и нова инсталација која го заменува старото бакарно цевно соединение. Новиот систем ќе обезбеди снабдување со компримиран воздух за оперативниот блок со 12 сали, како и две сали на Клиниката за пластична хирургија, согласно европските стандарди и директиви.

„По завршување на пробната работа на новиот систем, Министерството за здравство ќе одреди термин за целосно прекинување на старото снабдување со компримиран воздух и поврзување на сите клиники во болничкиот комплекс со новиот систем“, се наведува во соопштението од Министерството.

Пуштањето во употреба на оваа компресорска станица е важен чекор во подобрувањето на условите за работа на хируршките клиники, што ќе овозможи поголема безбедност за пациентите и медицинскиот персонал.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното