Опасен „Wind Shear“ пренасочи шест авиони од Скопје, патници вратени во Загреб, Виена и Истанбул

Временските неприлики синоќа предизвикаа пореметување на авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје. Силната појава на „смикување на ветерот“ (Wind Shear) што значи нагла промена на брзината или насоката на ветерот на мал простор ги принуди пилотите на најмалку шест авиони да се откажат од слетување во главниот град. Дел од летовите беа пренасочени кон Приштина, но неколку авиони беа принудени да се вратат назад во појдовните дестинации, оставајќи стотици патници заглавени ширум Европа.

Според официјалните метеоролошки извештаи и податоците за летовите, проблемите започнале во попладневните часови на 25 ноември и траеле сè до раните утрински часови на 26 ноември 2025 година.

„WS ALL RWY“: Предупредувањето што ја затвори пистата

Клучната причина за нарушувањето на сообраќајот е забележана во официјалните метеоролошки извештаи (METAR) за аеродромот во Скопје. Во 19:20 и 19:50 часот, инструментите регистрирале „WS ALL RWY“, што во авијацискиот речник означува Wind Shear (смикување на ветерот) на сите писти.

Овој феномен претставува ненадејна промена на брзината и правецот на ветерот на кратко растојание, што е исклучително опасно за авионите во фаза на слетување, бидејќи може нагло да ја промени силата на подигање на леталото.

Кој каде заврши? Биланс на пренасочените летови

Податоците за летовите откриваат дека пилотите носеле различни одлуки зависно од компанијата и горивото. Билансот на пренасочувањата е следен:

Пренасочени кон Приштина: Најчестата алтернатива за авионите на „Виз ер“ беше блискиот аеродром во Приштина:

  • Летот W64752 од Венеција.
  • Летот W64736 од Нирнберг.
  • Летот W64706 од Осло, кој требаше да слета по полноќ.

Вратени назад во појдовната дестинација: Дел од авиокомпаниите одлучија да не ризикуваат со слетување на алтернативни аеродроми во регионот, туку ги вратија патниците назад:

  • Austrian Airlines (OS763): Авионот од Виена кружел, не успеал да слета и се вратил назад во Виена.
  • Croatia Airlines (OU366): Летот од Загреб, наместо во Скопје, заврши назад во Загреб.
  • Pegasus (PC353): Летот од Истанбул (Сабиха Гокчен) беше пренасочен назад кон Истанбул.

Ретки успешни слетувања

Во овој временски „прозорец“ на нестабилност, само мал број авиони успеаја безбедно да слетаат. Тоа им успеа на пилотите на:

  • Wizz Air (W64764) од Карлсруе/Баден-Баден во 18:18 часот.
  • Turkish Airlines (TK1005) од Истанбул во 20:19 часот.
  • Wizz Air (W64712) од Малме, кој слета со големо задоцнување во 01:26 часот по полноќ.

Ваквата ситуација предизвика значителни поместувања во распоредот на летање и за денешниот ден, бидејќи авионите кои не слетаа во Скопје, не можеа ниту да ги реализираат повратните летови од македонскиот аеродром утрово.