Османи го распушти косовското собрание, следат предвремени избори

Косовската претседателка Вјоса Османи денес потпиша указ за распуштање на Собранието, откако кандидатот за премиер Гљаук Коњуфца не успеа да формира влада во среда, во втор обид на Самоопределување.

Одлуката е донесена по состанокот со лидерите на политичките партии кои имаат места во Собранието, чија цел беше да се одреди датум за предвремени парламентарни избори.

На состанокот, како што објавува Косев, присуствуваа лидерите на Демократската партија на Косово (ПДК), Демократската лига на Косово (ЛДК), Алијансата за иднината на Косово (ААК) и Социјалдемократите на Нисма. Според Уставот на Косово, предвремените избори мора да се одржат најдоцна 40 дена од датумот на нивното објавување. Во политичките кругови, како можни датуми се споменуваат 21 и 28 декември.

Лидерот на Нисма, Фатмир Лимај, како што објави Коха, ги повика граѓаните да ги анализираат изминатите девет месеци од претходните избори и да ги казнат одговорните за неуспехот да се воспостават институции. Лимај изјави дека неговата партија ќе учествува на предвремените избори, самостојно или во коалиција, и додаде дека ќе се одлучи во која насока ќе се движи Нисма.

„Почнува крајот на деветмесечниот циклус. Ова е лоша вест за Косово. Политичките сили покажаа недостаток на политичка зрелост. Она што се случи денес покажува некомпетентност, незрелост и незнаење за тоа како да се изгради држава. Се надевам дека на следните избори граѓаните ќе бараат одговорност од оние кои не формираа институции. Косово изгуби една година. Време е да се вратиме кај граѓаните“, рече Лимај, по средбата со Османи.

Претседателот на ПДК, Бедри Хамза, изјави дека 21 декември е предложен како датум за изборите за да не се губи повеќе време.

„Претседателот, врз основа на настаните од вчерашната седница, каде што носителите на мандати не успеаја да обезбедат мнозинство по втор пат, потпиша указ за распишување избори. Побаравме датумот да биде 21 декември. На земјата ѝ е потребна влада и формирање институции што е можно поскоро. Беше дадена друга опција, 28 декември, но ние сме за 21 декември“, рече Хамза, според медиумите во Приштина.

Претседателот на ААК, Рамуш Харадинај, потврди дека неговата партија ќе оди на избори самостојно и додаде: „Предлозите беа дадени за 21 и 28 декември. Бидејќи е изгубено многу време и поради натрупаните буџетски проблеми, го предлагаме 21 декември. На овој начин, добиваме една недела за да продолжиме со буџетските одлуки. Нема да толерираме никого што го блокира формирањето на институциите.“

Заменик-претседателот на партијата „Гуксо“, Фатон Пеци, кој беше во коалиција со Самоопределување, изјави дека партијата го предлага 28 декември како датум што овозможува подобра подготовка од страна на Централната изборна комисија и е корисен за граѓаните и дијаспората. Тој додаде дека очекува заедно со Движењето Самоопределување да постигнат поголем успех отколку на изборите на 9 февруари.

Предвремените избори доаѓаат откако кандидатот на Движењето Самоопределување, Гљаук Коњуфца, вчера не успеа да ја добие поддршката од мнозинството пратеници – 56 гласаа „за“, 53 против, додека четири пратеници беа воздржани, што е недоволно за потребните 61 глас.