Македонија

Откажале фрекфенциите на главната радио станица на Солунска глава, контролата на летање останала без комуникација со дел од авионите

Откажале фрекфенциите на главната радио станица на Солунска глава, контролата на летање останала без комуникација со дел од авионите

Сериозен технички дефект на главната радио-станица на Солунска Глава предизвикал рестрикции и затворање на дел од воздушните патишта на пониски височини во македонскиот воздушен простор, дознава 4news.mk

Според официјалните воздухопловни известувања (NOTAM) кои беа издадени, Контролата на летање во Скопје (МНАВ) се соочила со значителни проблеми во комуникациската опрема, што директно влијае на нормалното одвивање на воздушниот сообраќај.

Контролор на летање од МНАВ во разговор со нас ни рече дека за момент се изгубил целосно сигналот за комуникација и дека во моментов немало бекап систем кој би можел да се активира.

Во НОТАМ известувањата во кои имавме увид, јасно се наведува дека поради прекин на микробрановата мрежна конекција со IP радио станиците, главната VHF антена на Солунска Глава е надвор од употреба. Ова резултира со намалена радио покриеност, при што е нотирана можност за целосно губење на врската со авионите кои летаат под 4.100 метри.

Дополнително, во јужниот и југозападниот дел од земјата, односно на потегот покрај границите со Грција и Албанија, ризикот од губење комуникација со скопската контрола постои и за летовите на повисоки нивоа – под 5.900 метри.

Затворени рути и проблеми за Охридскиот аеродром

Поради неможноста да се гарантира безбедна и континуирана комуникација, воведени се итни безбедносни мерки. Сите воздушни патишта во критичниот регион под 4.100 метри се целосно затворени за сообраќај, со што авионите се принудени да летаат на поголеми височини каде што сигналот од другите станици е сè уште достапен.

Овој дефект директно го погодува и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Стандардните воздухопловни рути за пристигнување (PEP 2 STAR) кои се потпираат на радио-фарот во Пепелиште се недостапни. Истовремено, авионите кои полетуваат од Охрид се соочуваат со строги ограничувања – тие не смеат да ги користат стандардните рути за заминување доколку немаат капацитет брзо да се искачат над 6.100 метри (FL200) пред да стигнат до одредени навигациски точки. Ограничувања има и за користењето на воената и тренажна зона TSA01, која сега е достапна исклучиво на височини меѓу 6.100 и 7.300 метри.

НОТАМ известувањето кое го испратиме македонските контролори на летање

Зошто нема резервен систем?

Главниот секундарен радар (MSSR) во Скопје е целосно надвор од употреба и тоа во период од цели три месеци.

Секундарниот надзорен радар е пријавен како нефункционален уште од 28 март 2026 година, а предвидено е да остане надвор од системот сè до 28 јуни 2026 година.

Контактиравме со Министерството за транспорт од каде ни рекоа дека немаат надлежност, испративме прашања до МНАВ и Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), но до објавување на овој текст не добивме одговори.

Од АЦВ не упатија одговори да бараме првично во МНАВ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни