Ова се процедурите за влез на Егзит фестивалот за посетителите од Македонија

„ЕГЗИТ“ (EXIT) на своите веб-страници ги објави официјалните процедури за влез на посетителите на овогодишното издание на фестивалот. Според предвидените протоколи влезот на Тврдината од 8 до 11 јули за сите посетители ќе биде ограничен на неколку начини. Иако за влез од Македонија во Србија не е потребен никаков вид на дополнителни документи освен документот за лична идентификација, за влез на Фестивалот сепак ќе биде потребен доказ за имунизација или негативен антигенски тест.

ИМУНИЗИРАНИ ПОСЕТИТЕЛИ И ОНИЕ КОИ ПРЕЛЕЖАЛЕ

Четиридневната влезница треба да се замени за фестивалска нараквица. За оваа цел, посетителите од Македонија на заменските места треба да покажат сертификат за целосна имунизација или потврда дека ја прележале заразата, или испечатен Дигитален зелен сертификат (доколку се имунизирале во Србија).

ПОСЕТИТЕЛИ КОИ НЕ СЕ ИМУНИЗИРАЛЕ И НЕ ПРЕЛЕЖАЛЕ

За сите оние кои купиле влезница а не се имунизирани, ЕГЗИТ овозможи бесплатен брз антигенски тест. За пристап до тестирањето потребно е да ја покажете валидната четиридневна влезница и личниот документ. Тестирањето ќе се врши во Хала 1 на Новосадскиот саем од среда 7-ми до недела 11-ти јули од 10:00 до 18:00 часот. Доколку резултатот е негативен, на истото место се презема и фестивалската нараквица.

Доколку некој од посетителите не стигне на бесплатно тестирање на Саемот или има влезница за „Егзит“ добиена на наградна игра, за нив ЕГЗИТ, во соработка со лабораториите „Аквалаб“ (Aqualab) и „Медлаб“ (Medlab), има договорено тестирање по повластени цени. Списокот со адреси и работно време на овие лаборатории се наоѓа на вебсајтот на „Егзит“. Напомнуваме дека валидни се единствено резултатите на антигенскиот тест кој е направен во наведените лаборатории.

ЗАМЕНА НА ВЛЕЗНИЦИТЕ ЗА НАРАКВИЦИ

„ЕГЗИТ“ фестивал обезбеди три локации во Нови Сад на кои посетителите ќе можат да ги заменат четиридневните влезници за фестивалски нараквици. Заменските места ќе се наоѓаат на Плоштадот на слободата од понеделник 5 јули до четврток 8 јули, потоа пред Петроварадинската тврдина од вторник 6 јули до недела 11 јули, како и на Новосадскиот саем од вторник 5 јули до недела 11 јули, и тоа само за оние кои ќе прават брзи антигенски тестови.

ВЛЕЗ НА ФЕСТИВАЛОТ

На самиот фестивал, посетителите од Македонија со четиридневни влезници ќе влегуваат исклучиво на главниот влез (кај Ловотурс) додека посетителите со еднодневни влезници влегуваат на Влез 2 (кај црквата).

На официјалната страница на Егзит објавени се комплетните правила и чекори за влез на фестивалот. Овие правила ги одобри Кризниот штаб на Република Србија.