Почетокот на 2025 година носи големи промени за корисниците на WhatsApp. Имено, апликацијата ќе престане да поддржува постари оперативни системи на Android и iOS, што значи дека некои паметни телефони нема да можат да ја вчитаат оваа популарна апликација.
Иако бројот на корисници кои ќе бидат засегнати од оваа промена нема да биде особено голем, оние кои ги чуваат своите уреди во работна состојба повеќе од 10 години ќе мора да се подготват за промените.
На 1 јануари 2025 година, WhatsApp ќе престане да го поддржува оперативниот систем на Android KitKat, како и сите постари верзии. Додека некои корисници на KitKat сè уште ќе можат да користат WhatsApp, ова ќе биде можно само ако можат да го ажурираат својот уред на понова верзија на оперативниот систем. Сепак, многу постари телефони повеќе не добиваат официјални ажурирања од нивните производители, што значи дека корисниците нема да можат да го надградат својот уред доколку не се обидат со неофицијални методи, кои можат да ја поништат гаранцијата и осигурувањето и да доведат до оштетување на уредот, пренесува Вечерњи лист.
Меѓу уредите со Android што нема да можат да користат WhatsApp по 1 јануари 2025 година се:
Samsung: Galaxy S3, Galaxy Note 2, Galaxy Ace 3, Galaxy S4 Mini
Моторола: Moto G (прва генерација), Razr HD, Moto E 2014 година
HTC: One X, One X+, Desire 500, Desire 601
LG: Optimus G, Nexus 4, G2 Mini, L90
Sony: Xperia Z, Xperia SP, Xperia T, Xperia V
Во втората половина на 2025 година, WhatsApp ќе престане да се поддржува и на постарите iPhone уреди. Од 5 мај 2025 година, апликацијата повеќе нема да работи на верзии на iOS постари од 15.1. Иако некои корисници со постар iOS може да го надградат својот уред, iPhone 5s, iPhone 6 и iPhone 6 Plus кои може да се ажурираат само на iOS 12.5.7, нема да можат да користат WhatsApp по тој датум.
Мета, сопственикот на WhatsApp, истакнува дека овие промени се дел од редовните ажурирања чија цел е да се одржи безбедноста на апликацијата и нејзината компатибилност со поновите телефони. Додека некои корисници ќе бидат погодени од оваа промена, апликацијата сè уште ќе остане функционална на поновите уреди.