Панама прогласи вонредна состојба

Панама прогласи вонредна состојба во својот главен регион за производство на банани, откако продавниците беа ограбени, а зградите вандализирани за време на тековните протести против пензиската реформа.

Според Би-Би-Си, владата објави дека уставните права ќе бидат суспендирани во следните пет дена во северозападната покраина Бокас дел Торо.

Оваа мерка ја ограничува слободата на движење и ѝ дозволува на полицијата да апси без налог.

Проблемите во регионот започнаа пред еден месец, кога локалниот синдикат на работници во производството на банани се придружи на националниот протест против предложените намалувања на пензиите и прогласи штрајк.

„Соочена со нарушување на редот и акти на систематско насилство, државата ќе го искористи својот уставен мандат за да гарантира мир“, изјави панамскиот функционер Хуан Карлос Орилак.