Пендаровски се сретна со Брнабиќ: Основната цел е натамошна интеграција на земјите во ЕУ

Зголемување на регионалната соработка и натамошна интеграција во ЕУ преку имплементација на европските правила и стандарди на регионално ниво треба да биде основната цел на новата иницијатива за идно слободно движење на стоки, услуги и работна сила, рече претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со српската премиерка Ана Брнабиќ во Белград.

Средбата со Брнабиќ е во рамки на официјалната посета на Пендаровски на Србија и на неа, како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, како и за состојбите во регионот.

Пендаровски истакна и дека Северна Македонија и Србија имаат одлични политички и економски односи, а со оглед на споделената цел за европска интеграција има простор за размена на искуства за претпристапниот процес за членство во ЕУ.

– Контактите на високо ниво меѓу официјалните претставници на двете држави се доказ за добрите односи и стабилниот и позитивен развој на соработката меѓу двете држави, истакна Пендаровски на средбата со Брнабиќ.

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното