† ПЕТАР: Како што мајката умира, неумирајќи, кога ги посетува гробовите на своите деца, така и Христос умре неумирајќи – преминувајќи, воскреснувајќи, за да ги посети Своите умрени деца

Во својата велигденска порака, митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор на Австралиско-новозеландската епархија, † Петар, изрази длабока тага и сочувство поради трагедијата што ја потресе Македонија – пожарот во Кочани во кој животот го загубија над 60 лица, главно млади луѓе.

„Во овој серадосен ден, кога ни е даден Живот Вечен, не можеме а да не чувствуваме и извесна тага и болка заради тагата што ја надви Македонија“, рече митрополитот Петар, упатувајќи силна порака до сите родители кои ги загубија своите деца во трагедијата.

Тој ја спореди болката на мајката која го губи своето дете со тагата на распнатиот Христос, нагласувајќи дека иако децата телесно не се меѓу нас, „тие не се мртви, туку преминати – живи во Живиот Господ“.

„Грижата за мртвите единствено е Божја грижа. Господ постојано се грижи само да ги воскресне луѓето“, напиша митрополитот во својата порака, додавајќи дека љубовта на мајката ги чува спомените на своите чеда, исто како што љубовта Христова го воскреснува човештвото.

На крајот од пораката, митрополит Петар се помоли „Христос Воскреснатиот да ги посети и настраданите во пожарот – да им ги исцели раните, телесните и духовните, та заедно со сите да воскликнат: Христос Воскресна!“

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното