Поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска побара од актуелниот министер Владо Мисајловски да соопшти колкав дел од американската воена финансиска помош ќе биде пренасочен од Македонија и кои проекти за модернизација на Армијата би можеле да бидат погодени.
Нејзината реакција следува откако беше објавено дека американскиот Стејт департмент го известил Конгресот за пренасочување на вкупно 52 милиони долари од програмата за странско воено финансирање, досега предвидени за Северна Македонија, Словачка, Тунис и Ирак, кон Панама, Перу, Еквадор и Колумбија. Засега не е познато колкав дел од сумата бил конкретно наменет за Македонија. Пренасочувањето, според Стејт департментот, не значи целосно укинување на американското воено финансирање за четирите земји.
„Мисајловски излезе од периметарот на САД“, напиша Петровска, по што додаде дека, „шегата настрана“, станува збор за сериозна вест.
Петровска потсетува дека во периодот кога таа раководела со Министерството за одбрана, со американските партнери, како што наведува, се работело на зајакнување на довербата, обезбедување воена помош и создавање услови за забрзана модернизација на Армијата.
„Денес, во мандатот на Мисајловски, Македонија останува без дел од таа поддршка“, наведува поранешната министерка.
Таа истовремено признава дека американската одлука е поврзана и со пошироките надворешнополитички приоритети на Вашингтон, но смета дека министерот за одбрана треба да објасни што презел за заштита на интересите на земјата.
Петровска јавно побара од Мисајловски да одговори колкав износ од американската помош ѝ се одзема на Македонија, кога Министерството било информирано за одлуката и дали биле преземени активности за кратењето да се спречи или намали.
Таа бара одговор и на прашањето кои проекти за опремување и модернизација на Армијата би биле погодени, како и зошто јавноста информацијата ја дознала преку странските медиуми, а не од Министерството за одбрана.
„Стратешкото партнерство не се одржува со протоколарни фотографии и со присвојување проекти започнати од претходните раководства. Се одржува со работа, доверба и постојана дипломатска активност“, порача Петровска.
Според информациите објавени од „Асошиејтед прес“, одлуката на Вашингтон е дел од поголемото насочување на американската надворешна и безбедносна политика кон Западната хемисфера. Американската администрација наведува дека средствата ќе бидат употребени, меѓу другото, за борба против наркотрговијата и за безбедноста на Панамскиот Канал.
„Мисајловски ја наследи американската помош. На јавноста ѝ должи одговор зошто денес губиме дел од неа“, заклучи Петровска.