РУСКАТА полиција приведе пијан маж кој се обидел да го украде телото на Владимир Ленин од мавзолејот на Црвениот плоштад, јавува руската државна новинска агенција ТАСС. „Инцидентот се случил ноќта на 6 февруари. Мажот е уапсен кога се обидел да упадне во мавзолејот каде што се наоѓа телото на Владимир Ленин и да го украде. Подоцна било откриено дека човекот бил пијан“, потврдил полициски извор.
Полицијата во текот на ноќта забележала сомнителен минувач како се движел во близина на мавзолејот. Кога почнал да ја отвора вратата и се обидел да влезе внатре, полицајците го привеле. Наводно, на местото на настанот била повикана брза помош, а лекарите констатирале дека мажот има психичко нарушување предизвикано од дејството на алкохолот.
За време на сослушувањето, тој зборувал нејасно и постојано се обидувал да избега, но на крајот признал дека сакал да го украде телото на Ленин. Сепак, приведениот не можел да објасни кои се неговите мотиви.
Поранешниот советски државник Владимир Илич Ленин починал на 21 јануари 1924 година, а пред смртта не ја изразил својата желба на кој начин сака да биде погребан. Затоа, неговото тело било балсамирано, а во 1930 година била завршена изградбата на мавзолејот во кој било поставено телото.