Драг Дедо Мраз,
Јас сум. Знаеш која. Онаа „Гордата“. Или Северната? Искрено, Дедо Мраз, веќе и јас се збунив. Дома ме викаат „Македонија“, на лична карта ми пишува друго, а кога ќе отидам на шалтер во Брисел ми викаат „Вие сте онаа што чека во ходникот“.
Годините си врват, еве веќе накај 34 терам. Уште сум сама. Мислев дека сум во врска со Европа, ама излезе дека тоа било само „friends with benefits“ – они ми праќаат по некоја европска пара за шминка, јас им ги праќам децата да им работат. Фер размена, нели?
Ти пишувам годинава малку тажна. Знаеш, другарка ми Албанија, онаа со која се држевме за рака со години во чекалната, есенва си фати патот. Ја пуштија да влезе во автобусот за ЕУ, а мене ме оставија на постојка. Ми рекоа дека куферот ми бил претежок, полн со историја, и дека морам да го сменам бравата на влезната врата (Уставот) ако сакам да тргнам. А комшијата од Исток, тој што ми е „брат“ по потреба, стои на рампа и ми бара извод од матично на пра-баба ми за да ме пушти да поминам.
Инаку, по дома е… „динамично“. Сменив куќен совет (Владата), дојдоа нови домаќини. Ветија дека ќе чистат со правосмукалка на турбо погон, ама засега повеќе ми личи дека само ја прераспоредуваат прашината од едно ќоше во друго.
За подарок годинава, Дедо Мраз, не барам многу. Знам дека си во криза и ти.
Прво, те молам донеси ми еден „Синдикален Дедо Мраз“ што ќе преживее со мојата минимална плата, а притоа да не јаде само леб и маргарин од оние „есенските“ и „новогодишните“ кошнички што ми ги измислија. Намалија цени на 50 производи за 2 денари, а струјата ме дрма како да сум врзана директно на хидроцентрала.
Второ, ако можеш, донеси ми малку воздух. Буквално. Оти овде долу, во скопската котлина, те гледаме само на радар. Ако слеташ со санката, гледај да имаш добри светла за магла, инаку ќе се удриш во некоја недовршена зграда што никна преку ноќ во парк.
Трето, за автопатот кон Охрид… Ај, не мора. Тоа ни тебе магијата не ти го покрива. Тоа е веќе споменик на културата под заштита на УНЕСКО како „најдолго градениот пат во историјата на човештвото“. Остај го, нека стои, се навикнавме да возиме слалом меѓу дупки.
Децата ми се добри, фала на прашање. Тие што останаа тука се борат со кладилници и брзи кредити. Тие што избегаа, ми праќаат слики од Германија. Убави се, насмеани. Таму Дедо Мраз доаѓа на време, а не заглавува на граница чекајќи да му се смени софтверскиот систем за царина.
И за крај, Дедо Мраз, те молам донеси ми малку памет. Ама не од оној „вештачка интелигенција“, оти тоа сега сите го имаат. Донеси ми природен, здрав разум. Да престанам да се карам сама со себе, да престанам да барам виновници во светот за моите валкани чевли и конечно да си го средам дворот.
Ако не можеш ништо од ова, барем донеси ми пасош од некоја нормална земја. Не за мене, јас ќе останам тука да го чувам куќниот праг, ама барем за надежта. Оти таа, кутрата, уште малку па ќе ми умре од студ.
Те чекам. Ракија и салата немам оставено, скапи се краставиците, ама имам една „ефтина“ паштета од кошничката, па повели.
