Разговорите меѓу Киев и Вашингтон за војната во Украина почнаа денеска во Ријад, објави украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров, во пресрет на одвоената американско-руска средба, исто така во Саудиска Арабија.
„Го започнавме состанокот со американскиот тим во Ријад“, напиша на Фејсбук Умеров, кој ја предводи делегацијата што отпатува од Киев на овие долгоочекувани разговори. „На дневен ред се предлози за заштита на енергијата и критичните објекти“, појасни тој.
„Ја спроведуваме директивата на претседателот на Украина за приближување на праведен мир и зајакнување на безбедноста“, рече шефот на украинската делегација во својот пост.
Соединетите држави и Русија на состанокот во Саудиска Арабија ќе разговараат за прекин на непријателствата во Црното Море и за обновување на комерцијалниот сообраќај низ неговите води, изјави американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц.