Американскиот претседател Доналд Трамп ги обнови своите закани за воведување царини на производи од Европската унија, обвинувајќи го блокот за нефер трговски практики.
Говорејќи во Белата куќа, Трамп рече дека апсолутно ќе воведе царини за стоки од ЕУ. Трамп рече дека ЕУ се однесува ужасно кон САД, тврдејќи дека европските пазари се главно затворени за американскиот извоз.
„Тие не ни ги земаат автомобилите, не ни ги земаат нашите земјоделски производи. Во суштина, тие не земаат речиси ништо“, рече тој.
Трамп укажа на големиот трговски дефицит меѓу САД и ЕУ, ветувајќи дека ќе преземе „значајни“ мерки против блокот, иако не даде дополнителни детали.
За време на неговата изборна кампања, Трамп ги спомна плановите за воведување нови царини од 10 до 20 отсто на увозот од ЕУ, велејќи дека тоа ќе ја поттикне домашната индустрија и ќе го реши трговскиот дефицит.
За време на првиот мандат на Трамп, имаше жесток трговски конфликт меѓу САД и ЕУ.
Во 2018 година, Трамп воведе царини за увоз на челик и алуминиум, што ја натера ЕУ да одговори со царини за американски производи како што се бурбон, мотоцикли Харли-Дејвидсон и фармерки.