Поднесени обвиненија против полициски службеници за пожарот во кабаре „ПУЛС“ во Кочани

По спроведена обемна истражна постапка во која беа опфатени 27 полициски службеници, јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања при ОЈО ГОКК до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против 13 полициски службеници. Обвинетите се товарат дека сториле кривично дело Тешки дела против општата сигурност, поврзано со пожарот што на 16 март 2025 година настана во кабаре „ПУЛС“ во Кочани, при што животот го загубија 63 лица, а 223 лица се здобија со тешки телесни повреди и телесни повреди.

Според обвинението, во периодот од 14 до 16 март 2025 година обвинетите полициски службеници одобриле и спровеле план за акциска контрола на угостителски објекти без целосна проверка дали се испочитувани законските прописи и безбедносните процедури. При контролата во кабарето не биле преземени соодветни мерки за заштита на присутните лица, ниту било спречено користење на непријавена пиротехничка опрема, што довело до настанување на пожарот.

Покрај обвинителниот акт, до Основниот кривичен суд Скопје се поднесени и обвинителни предлози против уште 12 полициски службеници. Девет од нив се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување при издавање согласност за работа на кабарето во 2022 и 2023 година, со што е овозможено прибавување противправна имотна корист. Тројца полициски службеници се обвинети дека при изготвување службени записници внеле неточни податоци и овозможиле неправилно водење прекршочни постапки.

Во однос на седум полициски службеници, јавниот обвинител донесе Наредба за запирање на истражната постапка, бидејќи е утврдено дека нивните законски надлежности не се во директна причинско-последична врска со настанувањето на пожарот. За дел од дејствијата е утврдена и застареност на кривичното гонење, додека за дејствијата преземени во 2022 година се водеше предистражна постапка за што денес е поднесено предметното обвинение. Во текот на истрагата беше донесена и Наредба за запирање на истражна постапка за починатиот полициски службеник.

За сите обвинети лица остануваат на сила мерките за обезбедување на нивното присуство во постапката, до одлука на надлежниот суд.