Свеж здив за пожарникарите од Лос Анџелес. Ветровите повеќе не се толку силни, што ќе им овозможи поефикасно да се борат со шумските пожари.
Постигнат е напредок во задржувањето на двата најголеми, кои горат на вкупна површина од повеќе од 16.000 хектари, пишува BBC.
Од противпожарната служба велат дека се уште се претпазливи и дека опасноста од ново разгорување не поминала.
Властите во Лос Анџелес ги предупредија повеќето евакуирани од шумските пожари да не се враќаат во своите домови најмалку уште една недела.
Потребно е спасувачите да го отстранат отровниот отпад од опожарените населби и да ги исклучат електричните и гасните инсталации кои претставуваат опасност во урнатините.
Одроните дополнително ги загрозуваат опустошените ридови, каде што срушените згради повеќе не можат да служат како потпора, а водата од противпожарните црева и пуканите цевки ја засити почвата.
Пожарот, кој започна пред 9 дена, однесе животи на најмалку 25 луѓе. Повеќе од 12.000 згради се уништени или оштетени.