Со солзи, тишина и болка, Македонија денеска се простува од Владимир Блажев – Панчо, членот на легендарното дуо ДНК, кој по седум месеци битка го загуби животот од последиците на трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Телото на Панчо утрово беше изложено во црквата „Св. Илија“ во скопски Аеродром, каде што неговото семејство, пријателите, колегите и бројни граѓани дојдоа да му оддадат последна почит.
Атмосферата беше исполнета со тага, но и со неизмерна љубов кон човекот кој со својата музика остави белег на цела една генерација.
Меѓу присутните беа Тамара Тодевска, Влатко Лозаноски -Лозано, Роберт Билбилов, Александар Тарабунов, Пере Нокаут и многу други уметници со кои Панчо ја споделуваше сцената и животот.
Опелото започна напладне, по што неговото тело ќе биде положено во вечен покој на гробиштата во Бутел. Со неговата смрт, бројот на жртвите од трагедијата во „Пулс“ се искачи на 63 лица – бројка што зад себе остава безброј скршени семејства и неизлечлива болка.
Синоќа, на плоштадот „Слобода“ во Штип, негови сограѓани и обожаватели запалија свеќи и пуштија ѕвезди во небото под мотото „Ѕвездено небо во чест на Панчо“, како симбол дека неговата светлина нема да згасне.
Панчо ќе остане запаметен не само по песните и римите што ги подаруваше, туку и по својата искреност, насмевка и љубовта со која ги обединуваше луѓето – на сцена и надвор од неа.