Балканската пејачка Северина доаѓа во Крива Паланка каде ќе одржи спектакуларен концерт каде се очекува бројна публика од земјата, но и од соседството.
Истиот ќе биде на 28 август за празникот на градот, а пред Северина на сцената ќе биде и поп пејачот Давид Темелков, додека пак сцена ќе ја затворат BRASS Brothers.
Градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашко Митовски денеска на прес конференција ја најави и богатата фестивалска програма за патрониот празник „Свети Јоаким Осоговски“, како и манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата“.
Како што вели, градот како Град на културата за 2024 година е една голема културна сцена на која секојдневно се случуваат настани, а август е месецот кога кулминираат големите фестивалски случувања што даваат посебен ритам и динамика на градот.
Како што најави, фестивалските манифестации започнуваат на 20 август со манифестација „Шопско село“, што се одржува по 19 пат од 20-23 август, а потоа Фестивалот на занаети и ракотворби и Фестивалот на храна кој ќе трае од 20-25 август.
На оваа манифестација ќе настапат и познати музички имиња како Игор Димовски, Пауза за ракија, Елена Андоновска. На 25 август пак доаѓа и проектот „Македонијо во срце те носиме“ со 12 македонски патриотски песни, каде ќе настапат 12 пејачи: Сузана Спасовска, Наум Петревски, Зуица Лазова, Миле Кузмановски, „ДНК“, Огнен Здравковски, Александар Тарабунов, Андријана Јаневска, Мина Блажев, Марија Спасовска, Ламбе Алабаковски и Бојана Скендеровски.
Посебна атракција е исто така и музичкиот фестивал „Џој Фест“ кој ќе се одрж на 23 и 24 август. На првата вечер од фестивалот ќе настапат Конкверинг Лајон и Суперхикс, додека следниот ден ќе бидат Кисити, Парампарчад и Бубњиви и Пси, а ѕвезда на вечерта е и познатата македонска пејачка Калиопи.
