Правен вакуум за мандатот – Претседателот се повикува на Уставот, а Џафери на Деловникот

За три дена изминува рокот според кој претседателот на државата Стево Пендаровски најави дека ќе го додели мандатот за формирање Влада. Од друга страна пак, досегашниот претседател на Собранието Талат Џафери не испратил допис до шефот на државата. Како што вели тој, без избран собраниски спикер, парламентот се уште не е конституиран. Различните толкувања ги доведе на различни страни Пендаровски и Џафери. Во членот 90 од Уставот стои дека:

„Претседателот на државата е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието“, се вели во членот 90 од Уставот.

Но, истовремено, во членот 110 на Деловникот на Собранието се наведува:

„Претседателот на Собранието во рок од три дена од денот на приемот на известувањето на претседателот на Републиката ги известува пратениците за кандидатот за претседател на Владата“.

Во овој случај станува нејасно како во рок од три дена претседателот на Собранието да ги извести пратениците кога законодавниот дом се уште нема претседател и кому ќе биде испратено известувањето. Од Кабинетот на Пендаровски велат: дописот дека мандатот е доделен, ќе го испратат до Собранието.

„Претседателот очекува во рокот од 10 дена од конституирање на Собранието да го додели мандатот на кандидатот на партијата или партиите кои имаат мнозинство во Собранието. Согласно уставните норми и другите важечки прописи, како и востановените практики за доверениот мандат, претседателот ќе го информира Собранието“, велат од Кабинетот на Претседателот.  

Во досегашните практики немало примери шефот на Собранието и на државата да се повикуваат на различни толкувања околу доделувањето на мандатот.

.

Извор: ТВ21