Предупредување до Трамп: „Изберете помеѓу невозможна операција и лош договор“

Разузнавачката единица на иранскиот Корпус на чуварите на Исламската револуција (IRGC) упати остро предупредување до претседателот Доналд Трамп, кој според достапните информации го разгледува иранскиот мировен план од 14 точки, пренесува Sky News.

„Невозможна операција или лош договор“

Се вчитува...

Во својата порака разузнавачите на IRGC истакнуваат неколку клучни фактори, меѓу кои и иранскиот рок за укинување на американската блокада, како и „промената на тонот на Кина, Русија и Европа кон Вашингтон“. Според нив, развојот на настаните може да се толкува само на еден начин.

„Трамп мора да избере меѓу невозможна воена операција или лош договор со Исламската Република Иран“, се наведува во пораката.

Предупредувањето завршува со оценка дека „просторот за американско донесување одлуки се стеснил“.

Детали од мировниот план

Да потсетиме, Техеран претходно преку пакистански посредници му достави на Вашингтон нов мировен предлог со цел завршување на војната во рок од 30 дена и претворање на сегашното примирје во траен мир.

Планот, според извори, опфаќа три фази и вкупно 14 точки. Еден од клучните елементи е обврска за ненапаѓање што би го опфатила и Израел, со цел спречување нова ескалација на Блискиот Исток.

Во првата фаза е предвидено постепено отворање на Ормутскиот теснец и укинување на американската блокада на иранските пристаништа, додека Иран би ја презел одговорноста за отстранување на морските мини.

Барањата на Техеран

Според Nour News, медиум близок до иранските безбедносни структури, Техеран од Соединетите Американски Држави бара укинување на санкциите, повлекување на американските сили од регионот и целосен прекин на непријателствата, вклучувајќи ги и израелските операции во Либан.

Реакција од Вашингтон и продолжување на разговорите

Иако американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела ја одбил претходната верзија на предлогот, дипломатските контакти не се прекинати, а кревкото примирје кое трае веќе три недели засега се почитува.

Во новите обиди за приближување на ставовите, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи разговарал со неговиот омански колега Бадр ал-Бусаиди. Оман и претходно имаше важна посредничка улога во преговорите меѓу Вашингтон и Техеран пред избувнувањето на конфликтот.