Прекинати блокадите на границите, нормализиран влезот и излезот!

Македонските превозници вечерва целосно ги повлекуваат блокадите од товарниот дел на сите гранични премини во државата.

Одлуката на асоцијацијата „Макам-транс“ доаѓа по официјалното известување дека Европската комисија ќе донесе нова стратегија за визи, со која трајно ќе се реши проблемот со ограничувањето на престојот од 90 дена во шенген-зоната за професионалните возачи.

По четиридневен застој, сообраќајот за влез и излез ќе се нормализира на клучните премини, вклучувајќи ги „Богородица“, „Деве Баир“, „Ќафасан“ и „Блаце“. Од „Макам-транс“ изразија благодарност за истрајноста на возачите и за поддршката од јавноста, нагласувајќи дека заедничкиот притисок резултирал со потврда за очекуваните законски измени.

Протестот беше организиран во координација со транспортерите од Србија, Црна Гора и БиХ, кои бараа изземање од новите ЕУ системи за контрола за да се спречат натамошни економски штети и депортации на возачите.