Не сум виновна ниту пак сум го сторила делото, се срамам што сум дел од обвинението кое се покажа дека е клевета, изјави Катица Јанева во завршниот збор за случајот „Рекет“.
„Мене не ми требаат црвени телефони. Мене ми е чист образот. Некој да сакаше да го урне СЈО јас не му требав. Јас сум во притвор за пари што не се докажаа за Камчев да се спаси“, рече Јанева.
Адвокатите на Јанева велат дека очекуваат ослободителна пресуда, бидејќи како што велат тие докази нема.
„Сметаме дека навистина немавме прилика да видиме ниту еден единствен доказ со кој би се потврдило обвинението“, истакна Дељо Кадиев.
Јанева пак нагласи дека е само грубо изманипулирана.
„Доколку ги знаете соприжниците Камчеви нема никогаш да дозволите да ви се доближат ниту до судската зграда. Орце Камчев се покажа дека е „валкан“ играч и дека мисли дека може се да купи со пари, се излажа. Мене не можеше да ме купи. Искористи едно искрено пријателство со Бојан за да ме стави на столб на срамот“, изјави Јанева.
Во овие четири години, рече Јанева, покажав како еден обвинител да биде одважен и сигурен во себе. Нагласи дека никогаш самата не би ги одбрала тие обвинители што после четири часот не можат без салатка и ракија. Таа рече дека и е срам што е дел од ова судење поради неспособноста и немањето докази.
„Да подигнеш обвинение без извршени вештачења и да биде прифатено од тројца судии. Секоја чест. Јас се срамам што сум дел од ова. А каде се парите“, рече Јанева.
Ова голо обвинение без докази ми е жал што овие два дена го распарталивме како баница, јавната обвинителка Вилма Русковска не е тука да го чуе и да се црвени.
„Не само што јавната обвинителка не докажа ништо во овој предмет, туку напротов само произлезе дека била свесна уште од старт дека води предмет за кој нема докази. Се покажа дека наместо да биде објективен критичар всушност дава едно малициозно критизерство не само кон мене, туку и кон целото СЈО“, додаде Јанева.
Да работеше јавната обвинителка, рече таа, како што треба ќе утврдеше дека нема докази за ова дело и неможе да покрене обвинение.
Пресудата за „Рекет“ е закажана за 18 јуни 2020 година во 10 часот.
.