Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, потпиша серија укази со кои се вршат значајни кадровски промени во дипломатско-конзуларните претставништва. Со новите одлуки, објавени во Службен весник, се отповикуваат амбасадорите во Италија, Австрија и Индија, додека амбасадорот во Бразил добива проширени надлежности.
Најновите укази до кои дојде 4NEWS.mk предвидуваат престанок на мандатите на тројца актуелни амбасадори во наредниот период, со прецизно утврдени датуми за нивно враќање во земјата.
Отповикување на амбасадорите во Рим, Виена и Њу Делхи
Со Указ број 34, од должноста се отповикува Весел Мемеди, вонреден и ополномоштен амбасадор во Италијанската Република. Неговиот мандат, кој ги опфаќа и нерезидентните должности за Сан Марино и Малта, ќе престане заклучно со 31 јануари 2026 година.
Промени има и во дипломатската мисија во Виена. Со Указ број 35, Освит Росоклија е отповикан од позицијата амбасадор во Република Австрија. Неговата должност ќе заврши на крајот на февруари, односно заклучно со 28 февруари 2026 година.
Третото отповикување се однесува на амбасадорот во Њу Делхи. Со Указ број 36, Слободан Узунов е отповикан од должноста амбасадор во Република Индија. Узунов, кој истовремено ги покриваше и Народна Република Бангладеш и Социјалистичка Република Шри Ланка на нерезидентна основа, ќе ја извршува функцијата заклучно со 19 декември 2025 година.
Игор Попов поставен за нерезидентен амбасадор во Уругвај
Покрај отповикувањата, Претседателката донесе и одлука за проширување на дипломатското покривање во Јужна Америка.
Со Указ број 37, Игор Попов е именуван за нерезидентен вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија за Ориентална Република Уругвај. Попов оваа функција ќе ја извршува од Бразилија, каде што е веќе стациониран како резидентен амбасадор.
Сите укази стапуваат на сила со денот на донесувањето, а за нивното извршување е задолжен Министерот за надворешни работи и надворешна трговија.