Блокадата на товарниот сообраќај на граничните премини кон шенген-зоната продолжува и денес, поради протестот на транспортните превозници од Западен Балкан. Превозниците од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина од завчера ги задржуваат камионите на премините, барајќи од Европската Унија измена на правилото за електронска евиденција на престој во согласност со моделот 90/180 дена.
Според првичните проценки од деловните комори, штетите од блокадите дневно се движат околу 100 милиони евра за регионот.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека очекува проблемот на македонските превозници да биде надминат. Притоа посочи дека прашањето е отворено уште од септември со Европската комисија.
„Барем од она што е последна најава, очекувам ова да се реши. Јас вчера побарав телефонски разговор со претседателката на Европската комисија (Урсула фон дер Лајен), таа е службено отсутна во Индија. Очекувам деновиве да се слушнеме и повторно да ја отвориме оваа тема и заедно со колегите од регионот повторно да ја ставиме на маса. ЕУ си има шенген-механизам до кој се држи и ние сега бараме варијанта како да им излеземе во пресрет на транспортерите“, рече Мицкоски при работната посета на општина Гази Баба.
Став за ситуацијата достави и Асоцијацијата „Макам-транс“. Генералниот секретар Билјана Муратовска истакна дека економски неисплатливо е компаниите да ангажираат по двајца возачи за да го усогласат престојот со шенгенските правила, бидејќи „не е економски оправдано еден возач три месеци да седи дома и да прима минимална плата, додека другиот работи“.
Проблеми поради новиот начин на евиденција имаат и автобуските превозници во меѓународниот сообраќај, кои апелираат до европските институции за фер и практично решение што ќе го земе предвид специфичниот карактер на професионалниот превоз на патници и стока. Претседателот на Асоцијацијата „Исток“, Горан Трпковски, изјави дека се подготвени и за заеднички протест „доколку не се донесе поволна одлука, која ќе обезбеди непречено функционирање на меѓународниот превоз и заштита на стопанството“.
Од Македонската национална транспортна асоцијација „Бест мобилити – НТА“ порачаа дека блокадите се израз на револт на професионалните возачи и барање за еднаков третман со колегите од ЕУ, при што решението треба да се бара во Брисел.
