Пријателите и обожавателите се простуваат од Панчо – „Загубивме добар човек и голем уметник“

Македонската музичка сцена и бројни обожаватели денес тагуваат по смртта на Владимир Блажев – Панчо од познатото дуо ДНК, кој почина речиси седум месеци по трагедијата во Кочани.

Социјалните мрежи се преплавени со пораки на жал, љубов и благодарност за човекот кој остави длабока трага во македонската музика.

Познатата пејачка Сузана Спасовска со тага напиша: „Почивај во мир, драг Панчо!“

Нејзината кратка, но искрена порака ја пренесе тишината што завладеа меѓу уметниците по веста за смртта на Панчо.

Директорот на СЦ Борис Трајковски, Данијел Апостолоски сподели емотивен статус во кој се потсети на долгогодишното пријателство со него:

„Ќе останат убавите спомени, дружбите и песните кои ги остави зад себе изминатите дваесетина години. Загубивме пред сѐ добар човек, а потоа и одличен музичар. Делото на Панчо ќе живее вечно. Братко, почивај во мир… Премногу ќе ми недостигаш…“

Емоции и неверување сподели и Ина Многуфина, која напиша: „Еден од ретките луѓе што ги сакаше сите на светов. Светол пат, Панчо!“

Со трепет во гласот, својата болка ја изрази и Нина Јанева Николoвски: „Што и да сакам да кажам, малку е… Не излегува од грлово… Почивај во мир, голем човеку.“

Најтрогателна беше пораката на Марио Арангелoвски, кој напиша: „Збогум, пријателе. Летај. Пејте заедно! Until next time…“

Се огласи и познатиот Таско (Кристијан Тасковски) со емотивна објава.

„Душата ми е распарчена стари… Не сакам да верувам во ова што го читам и гледам. Ти ми беше еден од ретките луѓе кои не бев сродство по крв, но го чувствував како роден брат. Секогаш знаеше да ме дигнеш кога ќе паднам, беше тука за мене во најтешките и најсреќните моменти од мојот живот, знаеше да ме вратиш назад во живот како никој друг… Стари мој, се што и да пишам за тебе е малце, ваква величина како тебе има само датум на раѓање, и еден цел живот е малце за благодарноста која што ја чувствувам секој ден од кога те запознав. Никогаш нема да те заборавам, и ветувам ќе го носам пламенот во мене како што само ти ме учеше. Фала ти за се, и се гледаме на друго место. Почивај во мир, ќе ми фалиш…“, напиша тој.

По него и пејачката Дани Димитровска напиша: „Ахх бе Пане…Збогум комшо мој..Сочувство до семејството“

„Патувај мирно стари мој…“, вели пејачот Огнен Здравковски.

Се огласи и водителката Снеже Велков и се потсети на емисија во која заедно гостувале.

„Колку само се смеевме. Мирно ти небо Драг Панчо“, напиша таа.

Пејачката Тамара Тодевска пак напиша: „Не беше овој свет за тебе, не е ова место за луѓе со премногу љубов, добрина и талент. Ти од сѐ ова имаше во неизмерни количини и сакам да верувам дека одиш на подобро место. Многу дружби, спомени, концерти, снимања… Многу смеење, музика и емоции… Горда сум што имав брат како тебе, другар за цел живот, колега кој знаеше да ме критикува, пофали, советува… Патувај мирно Џуџе. Секогаш ќе те сакам“.

Водителката и инфлуенсерка Миа Костова вели дека ја излажала интуицијата.

„Широко небо, џуџе. Ме излажа интуицијата, мислев дека ќе собереш сила…. Летај со екипата и пејте горе“, напиша таа.

„Пане мој, другар и брат, срце планина, неизмерно ќе ми фалиш и секогаш ќе те сакам…“ – напиша Каролина Гочева.

„Зарем срцето можеше да издржи после сѐ… Многу тажно….многу…Збогум Панчо…“, напиша Калиопи.

Од утрово, пораките на љубов и благодарност не престануваат да пристигнуваат. Пријателите и соработниците се сеќаваат на Панчо како на искрен, ведар и топол човек, кој секогаш знаел да насмее и да охрабри.

Со неговото заминување, македонската музика изгуби не само уметник, туку и пријател што остави неизбришлив белег во срцата на сите што го познаваа.