Примопредавање на градоначалничкaта функција и во Берово

Во просториите на Општина Берово денеска се одржа официјалното примопредавање на функцијата градоначалник помеѓу досегашниот прв човек на општината Звонко Пекевски и новоизбраниот градоначалник Петар Ружински.

Со потпишување на записниците за примопредавање, Ружински и официјално ја презеде одговорноста за управување со Берово, нагласувајќи дека ќе работи со посветеност, транспарентност и визија за подобар живот на граѓаните.

„Овој чин не е само промена на функцијата, туку продолжување на визијата за подобра и посовремена иднина за сите жители на нашата општина“, изјави Ружински, заблагодарувајќи им се на сограѓаните за довербата.

Пекевски му посака успех на својот наследник, истакнувајќи дека континуитетот и одговорноста во управувањето со општината се клучни за натамошниот развој.