Приватните автобуси се враќаат на улиците – ЈСП исплати дел од долгот

Приватните автобуси се враќаат на улиците односно ќе возат според редовен возен ред.

Превозниците велат дека ЈСП Скопје вчера попладне им извршило уплата од по 6 милиони денари на трите компании.

Како што велат, сумата не е голема, но важно е што имало уплата со цел да продолжат со работа.

„Добивме информација дека ни се уплатени по 6 милиони денари и по координација со превозниците решивме да се вратиме на терен. Овие средства ќе бидат доволни за наредните две недели, а се надеваме дека во меѓувреме ЈСП ќе изврши нови уплати за да нема нов прекин во сообраќањето“, изјави Јовица Зафировски (сопственик на Јофи бус) за МИА.

Како што потсети, тие имаат континуирани трошоци за сервисирање и гориво, па затоа редовната исплата е клучна за непречено функционирање на превозот.

Приватните превозници минатата недела побараа од ЈСП да им го исплати вкупниот долг од 170 милиони денари, од кои 90 милиони се веќе доспеани. Во петокот тие возеа со редуциран возен ред од 5 до 10 часот, но од денеска линиите повторно се нормализирани.