Продавачите на книги на кејот во Скопје до среда мора да ги напуштат тезгите

Продавачите на стари книги од кејот на Вардар во центарот на Скопје, до среда ќе мора да ги напуштат своите тезги, пишува Сител.

Град Скопје, од каде ја потврдуваат одлуката, вели дека причината е истечениот рок на дозволите, кои датираат од пред повеќе од осум години. Од Градот објаснуваат дека мора да постапи согласно законските обврски за воведување ред во користењето на јавниот простор, по што ќе следи нов јавен повик за продажба на книги и кондиторски производи.

Се планираат нови локации и унифицирани куќарки за сите заинтересирани кои ќе аплицираат на повикот под еднакви и транспарентни услови. Слични тезги за крофни, костени и пуканки веќе беа отстранети од плоштадот Македонија.

Продавачите најавуваат дека ќе бараат средба со градоначалникот, со барање за привремена локација за време на периодот додека не се спроведе новиот повик и постават новите куќарки.

Куќарките се поставени од Градот Скопје во 2011-та. Оттогаш, како што вели еден од сопствениците Бобан Јанков, не е вложен ниту денар за одржување, па самите продавачи се снаоѓале како знаат и умеат.