Промашена сезона на Пониква

Иако снежната покривка на Пониква е оскудна, зимскиот центар и натаму привлекува љубители на зимскиот туризам, но годинава посетителите се соочуваат со сериозен недостаток – нефункционирачки скилифтови.

На празникот Василица, паркингот околу скилифтот број 1 беше исполнет со возила од Скопје, Куманово, Велес, Радовиш и други градови од регионот. Родители кои со децении доаѓаат на Пониква велат дека скијањето и дружењето во природата се главната причина да се враќаат, додека мал број дечиња се забавуваа со санкање или скокање од горнината.

„Привлекува пејзажот и дивата природа, една од најубавите во Македонија. Шеста година скијам со моето дете, времето е убаво, и не ја менувам Пониква за никаде“, велат редовни посетители.

Сепак, нефункционирачките скилифтови создаваат дополнителен метеж на терените и во самиот центар. Организаторите на ски-школите и локалните угостители истакнуваат дека ова е сериозен проблем. „Оваа година сите услови за скијање, санкање и уживање во планината ги немаме. Ски-лифтовите не се во функција и посетителите се мачат да ги користат терените пешки“, посочуваат тие.

Некои родители решаваат своите деца да ги одведат на други ски-центри, како Михаилово, Маврово или Попова Шапка, каде условите за скијање се целосно обезбедени. Посетителите апелираат Пониква да ја врати инфраструктурата од порано, со двата скилифта (за почетници и напредни скијачи), за да може центарот повторно да ги задоволи потребите на љубителите на зимските спортови и да ја одржи својата атрактивност.

„Пониква без двата скилифта не ги исполнува барањата и станува неатрактивна. Луѓето доаѓаат, но често се враќаат дома веднаш, бидејќи без скијање престојот не е целосен“, додаваат туристите.