Во организација на Здружението „Еко свест“ денеска во Кичево се одржа првиот „Кичево одржливо Експо“. На настанот присуствуваа граѓани и локални бизнисмени, меѓу кои и млади грнчари со долго искуство од Вранештица, изработувачи на златен накит од Хоуп, додека уметникот Тео Герасимоски ги претстави своите дела од еко-материјали, а Зоран Илиески дела изработени од старо железо.
Присутните ја потенцираа потребата за енергетски ефикасни домови, граѓанска енергија, еколошки чист транспорт, намалување на отпадот кој се создава и целосен премин кон циркуларна економија.
-Кичево одржливо Експо е збир на алтернативни економски гранки со огормен потенцијал да ја носат и обноват економијата во овој регион. Економските гранки имаат потенцијал да се развиваат во иднина и да вработуваат луѓе од кичевскиот регион кој во моментов е зависен од јаглен, кој е потрошен и ќе мора да се соочи со алтернативен развој, вели Елена Николовска, програмски координатор во „Еко свест“.
Николовска, нагласи дека најбезболно ќе биде ако трансформацијата започне од локалната заедница и ако се слуша нивниот глас за она што го сметаат дека е потребно за развој.
-Прв чекор е да ги слушаме локалните заедници, чекор два е обезбедување простор за дискусија и потребни финансии кои би ги подржале промените на локално ниво и чекор три е напуштање на јагленот како енергенс во целата наша земја, додаде Николоска.
Советникот во општина Кичево, Игор Стојаноски испрати директна порака за успешна и праведна транзиција во Кичево.
-Според европските регулативи крајниот рок за затворање на ТЕЦ „Осломеј“ е 2030 година. Дел од вработените со отворањето на фотонапонските централи ќе најдат вработување, за останатите вработени потребна е директна соработка со Здруженијата како и со централната и локална власт и бизнис секторот, да се изнајде соодветно решение за трансформација што ќе придонесе сите граѓани да се чувствуваат безбедно за својата иднина преку соодветни работни места, за да нема иселување од нашиот град, нагласи Стојаноски.