Раст на индексите на Волстрит: Пад на европските берзи

На Волстрит, по невидени флуктуации, берзанските индекси силно пораснаа минатата недела, и покрај ескалацијата на царинската војна меѓу САД и Кина, додека европските берзи забележаа пад.

На Волстрит, Dow Jones минатата недела порасна за 4,95 отсто, на 40.212 поени, додека S&P 500 скокна за 5,7 отсто на 5.363 поени, а индексот Nasdaq скокна за 7,3 отсто, на 16.724 поени.

На почетокот на неделата, овие индекси сè уште беа под притисок поради драстичните царини што ги објави американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на април, кои една недела претходно предизвикаа цените на акциите да забележат најголем неделен пад од кризата со коронавирус во 2020 година.

Сепак, пресврт се случи во средата, кога Трамп неочекувано ги одложи дополнителните, реципрочни царини за сите земји освен Кина за 90 дена.

На Волстрит тој ден владееше еуфорија, при што S&P 500 скокна за 9,5 отсто, што е негова трета најголема дневна добивка од Втората светска војна. Индексот Nasdaq го забележа вториот најголем скок во својата историја, повеќе од 12 отсто.

Благодарение на тоа индексите ја завршија неделата во позитива. Сепак, тие се уште се во минус во однос на почетокот на април, кога Трамп ги објави царините.

Откако Трамп го одложи спроведувањето на реципрочните царини, многу земји рекоа дека се подготвени да преговараат. Меѓу нив е и Европската унија, која исто така ги одложи контрамерките на царините на Трамп.

Сепак, царинската војна меѓу Вашингтон и Пекинг продолжува, бидејќи Трамп ја зголеми вкупната царинска стапка за кинескиот увоз на 145 проценти.

Кина, од друга страна, ги зголеми царините за американските стоки на вкупно 125 отсто.

Оваа ескалација на тарифната војна меѓу двете најголеми светски економии може да предизвика прекини во синџирите на снабдување и меѓународната трговија, зголемување на инфлацијата и забавување на глобалниот економски раст, па дури и рецесија.

„На инвеститорите им е тешко да донесат одлука да купат акции со ваква нестабилност и неизвесност. Тие се загрижени за тарифите бидејќи е тешко да се процени како тоа ќе влијае на економијата“, вели Пол Нолте, аналитичар во Марфи и Силвест.

Додека цените на акциите пораснаа на Волстрит минатата недела, тие паднаа на повеќето други светски берзи.

Истото важи и за најголемите европски берзи. Лондонскиот FTSE индекс се намали за 1,1 отсто, на 7.964 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 1,3 отсто, на 20.374 поени, а париски CAC за 2,3 отсто, на 7.104 поени.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното