Реакција од иницијативата „Кој е следен?“: „Нема да дозволиме младите гласови да бидат замолчени“

Иницијативата „Кој е следен?“ испрати соопштение до медиумите со кое демантира објави што се појавија денес на социјалните мрежи и преку, како што велат, пропагандни медиуми. Станува збор за видео-снимки кои, според нив, лажно ја поврзуваат иницијативата со онлајн разговор помеѓу група студенти и девојка од Србија.

„Нашата иницијатива нема никаква поврзаност со тој повик, ниту сме биле вклучени во какви било разговори за формирање на нови студентски организации. Доволно е да се погледне самата снимка – името ‘Кој е следен?’ не се споменува ниту еднаш, а нашето лого е аматерски и намерно вметнато во аголот на видеото“, се наведува во соопштението.

Од иницијативата истакнуваат дека се граѓанско движење, без политичка позадина, и дека немаат намера да се вклучат во студентско организирање или да го инструментализираат.

„Студенти, веруваме во вашата способност да се оградите од партиски и надворешни влијанија“, апелираат тие.

Според „Кој е следен?“, објавата претставува обид за оцрнување и манипулација од политичката елита, која, како што велат, „се плаши од автентично граѓанско незадоволство“.

„Наместо да одговорат на барањата за правда, одговорност и безбедност, тие се служат со провидни манипулации, лажни вести и медиумски спинови. Притисоците од лажни профили, пропагандни медиуми, како и од полициски и параполициски структури, само дополнително ќе ја зајакнат нашата волја.“

Од иницијативата решително порачуваат дека не се поврзани со ниту една политичка партија и дека го осудуваат секој обид за партизација на движењето.

„Нашиот револт не е алатка за политички поени, туку повик за достоинствен живот. Оваа сурова пропаганда нема да не замолчи. Нема да дозволиме да се угуши секој млад, независен и слободен глас. Нема да дозволиме елитите да продолжат да не газат. Денес ние сме мета на манипулации и лажни вести. Кој е следен?“ – завршува пораката.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното