Европа денеска е центар на геополитички натпревар каде малигните влијанија на Русија и Кина постојано ќе се обидуваат да ја минираат западната солидарност. Ова денеска го изјави екс-амбасадорот на САД во земјата, Филип Рикер. Тој рече дека се подготвени да ги поддржат аспирациите на државите кои го избрале патот кон Запад и членството во ЕУ. Тоа не се прави од добрина, туку за стратешки интереси, за мир и стабилност во Европа, додаде Рикер. А за да се квалификувате за членство во западните структури, потребни се реформи кои обезбедуваат владеење на правото и слобода на медиумите. Овие нешта ќе ги држат далеку малигните влијанија на надворешните актери, како што рече екс- амбасадорот, кои сакат државите од Западен Балкан да ги држат поделени. Клуч на трансформација се лидершипот, храброста и волјата да се преземат политички ризици, кои според Рикер го направија премиерите Заев и Ципрас со Преспанскиот договор.
„Историскиот договор од Преспа е одличен пример за тоа. Овој договор го трасираше патот на Северна Македонија кон НАТО, како 30-та членка. Успехот на Преспанскиот договор е доказ дека посветената работа и компромисот можат да се реализираат доколку лидерите покажат лидершип. Премиерите Ципрас и Заев и министрите за надворешни работи, ќе се паметат по овој историски договор. Верувам дека и другите лидери од Западен Балкан ќе го следат примерот од ова искуство, кој докажува дека длабоките историски конфликти можат да се надминат“, рече Филип Рикер, помошник-секретар и политички советник на командантот на Европската команда на армијата на САД.
Османи решавањето на спорот со името го нарече глобално успешна историја, за да се креира нова култура на компромис претворајќи ја Северна Македонија во единствена држава во регионот која нема ниту едно отворено прашање со петте соседни држави. Османи објасни дека стои зад идејата дека процесот на проширување на ЕУ не може да заврши без да стане Западен Балкан дел од Унијата. Користејќи метафора, Османи рече дека кога ги гледа земјите кои не се членки со сива боја на картата на ЕУ, му изгледаат како органи кои не функционираат како што треба.
„Кога ќе ја видам мапата, најпрво гледам дека всушност интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ сам по себе не е процес на проширување, туку консолидирање на Европа. Со оглед на тоа што јас сум хирург, можеби малку звучи чудно, кога ќе видам некој орган со побледа зона, всушност гледам дека тука има нарушување на циркулацијата, кое доведува до исхемија, кое го нарушува функционирањето на органот, станува точка преку која можат да навлезат малигни микроби, кои можат да напредуваат и да го оштетат целиот орган. Всушност тој орган не го користи капацитетот на таа зона. Се трудам, метафорично да објаснам – како регионот и Европа го губат придонесот на овој регион за политичко- економски развој и одржувајќи слаба влезна точка за многу малигни влијанија кои се случуваат поради заинтересираноста на Русија за Балканот, која не се намалува, туку се зголемува“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.
Ова беше речено во Скопје, во рамки на “Балкан 360“ каде се зборуваше на тема “Економски развој и регионални односи во Југоисточна Европа“. Сега екс-амбасадорот Рикер е помошник-секретар и политички советник на командантот на Европската команда на армијата на САД, а за две недели се очекува да ја преземе задачата како помошник –секретар на САД за Европа и Евроазија, заменувајќи го Вес Мичел, кој даде оставка.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ