Вицепремиерите за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши, денеска во Солун учествуваа на тркалезната маса на тема: „Регионална енергетска безбедност и соработка“.
На тркалезната маса присуствуваа и државниот секретар на САД Мајкл Помпео, министерот за развој, конкурентност, инфраструктура, транспорт и врски во Владата на Република Грција, Костис Хаѕидакис, амбасадорот на САД во Република Грција, Џефри Пјат и амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Кејт Мари Брнз.По завршувањето на тркалезната маса, како што соопшти владината прес-служба, вицепремиерот Битиќи посочи дека ова е одлична можност да се разменат искуствата во делот на енергетиката, потенцијалите за соработка и да се разговара за идните активности во насока на подобрување на енергетската поврзаност.
-За Северна Македонија, како мала и увозно зависна земја од електрична енергија, регионалната соработка е круцијална, особено поради конекциите на земјата за електрична енергија со Србија и Грција како и коридорот за пренос на електричната енергија од Бугарија до Грција, додаде вицепремиерот.
Според него, важноста и потребата за регионалната соработка се дел и од приоритетите во Стратегијата за енергетика која дефинира конкретни мерки и проекти од аспект на прекуграничното поврзување.
-Енергетиката е составен дел на денешното живеење, особено што овој сектор не подразбира само производство и дистрибуција на електричната енергија, туку, во него спаѓаат гасот и горивата, како и енергетската ефикасност. Токму преку зголемување на регионалната соработка на полето на енергетиката, гледаме голема можност и потенцијал за креирање на одржлива и развојна економија, што е врвен приоритет на Владата на Република Северна Македонија во следните четири години, нагласи Битиќи.
Северна Македонија е посветена на спроведување на реформите во енергетскиот сектор и исполнување на обврските кои произлегуваат од Договорот за основање на Енергетска заедница. Имплементирани се одредбите и обврските што произлегуваат од Третиот енергетски пакет на ЕУ и Директивата за обновливи извори на енергија. Напредокот од земја последна во регионот – во земја со исклучителен напредок е нотирано и во Извештајот на Енергетската заедница.
Цел е да се стават во функција сите капацитети и да се впрегне целиот неискористен енергетски природен потенцијал што Северна Македонија го поседува. Планот на Владата е сериозно да го зголемиме домашното производство на електрична енергија, од обновливи извори, да ги достигнеме европските стандарди во процесот на менаџирање со енергетските ресурси и да поттикнеме нови инвестиции во енергетскиот сектор, се наведува во соопштението.
– Би сакал да потсетам дека при последната посета на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на Република Грција, добивме поддршка од конзорциумот „Гастрејд“, за вклучување на Северна Македонија во изградба на терминалот за течен природен гас во близина на Александрополис во Грција. Со овој проект се создава можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за нашата земја, која, истовремено, ќе стане точка од која потоа гасот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот, и во земјите кои ќе покажат интерес, рече вицепремиерот.
.
