ИНФЛАЦИЈАТА во еврозоната драстично забрза во мај, достигнувајќи 8,1 отсто, што е ново највисоко ниво откако Европската канцеларија за статистика почна да објавува извештаи пред повеќе од четвртина век, поттикната од растот на цените на енергијата. Во април, инфлацијата мерена со усогласениот индекс на потрошувачки цени (ХИЦП) изнесува 7,4 отсто.
Цените на енергијата најмногу пораснале во еврозоната во мај, за 39,2 во однос на истиот месец лани. Тие се зголемија за 37,5 отсто во април, според извештајот на Европската статистичка служба, објавен во вторник. Цените на енергијата почнаа нагло да растат во втората половина на минатата година, поттикнати од бранот побарувачка што го поттикна закрепнувањето на економијата од пандемската криза.
Оваа година нивниот раст се забрза бидејќи Европската унија воведе серија санкции на водечкиот руски снабдувач поради нејзината инвазија на Украина. ЕУ утринава постигна договор за забрана на увоз на руска нафта со бродови, а планира и намалување на увозот на руски гас.
„Газпром“ ја прекина испораката на гас за некои земји
Рускиот гасен гигант Газпром во мај го прекина снабдувањето со гас за Бугарија, Полска и Финска, кои го отфрлија понудениот механизам за плаќање на рускиот гас во рубли. Од денеска рускиот гас повеќе нема да стигнува до холандската ГасТера.
Дополнителен проблем во мај предизвика украинската блокада на клучната транзитна точка на гасоводот што носи руски гас во Европа.
Еврозоната забележа и посилен раст на цените на преработената храна, алкохолните пијалоци и тутунските производи во мај, за 7,0 отсто. Во април тие беа зголемени за 5,4 отсто. Со исклучок на енергијата и свежата храна, цените во зоната на единствената европска валута се зголемија за 4,4 отсто во мај, по растот од 3,9 отсто во април, објави Евростат.
Меѓу членките на еврозоната, цените минатиот месец најмногу пораснаа во балтичките земји, се наведува во извештајот на Европската статистичка служба. Така, Естонија забележа стапка на инфлација од 20,1 отсто во мај, Литванија 18,5 отсто и Летонија 16,4 отсто.
Двоцифрени стапки на инфлација се забележани и во Словачка и Холандија, односно 11,8 и 10,2 отсто. Најмалку во мај пораснале потрошувачките цени на Малта, за 5,6 отсто. Блиску е и Франција со стапка на раст на цените од 5,8 отсто.
