РКД ЗА ХАОСОТ ВО ЏЕВАХИР: „Хауз Мајстор Плус“ тврди дека ѓубрето е исчистено, за инспекции е надлежен Општински инспектор

Регулаторната комисија за домување (РКД) итно постапила по пријавите за хаосот со сметот во комплексот „Џевахир Скај Сити“, каде жителите на Кула Д обвинија дека фирмата за одржување „Хауз Мајстор Плус“ не го изнесува отпадот и го остава во заедничките простории на ниво -1.

Од РКД, во одговор на нашите новинарски прашања, потврдија дека се запознаени со случајот.

„Во врска со актуелниот случај во Кула Д, Регулаторна комисија за домување е запознаена преку мејл на 24.10.2025 година, по што постапи согласно своите надлежности со барање на податоци од управителот Хауз Мајстор Плус“, се вели во одговорот на Комисијата.

Според РКД, управителот веднаш доставил известување со одговор дека „проблемот е решен и отпадот е целосно отстранет на 24.10.2025 година“, за што доставил и целосна кореспонденција со надлежни органи.

Од Комисијата додаваат дека и покрај тврдењето на управителот, тие веднаш по добивањето на претставката од станарите се обратиле до општинскиот инспектор за домување во Општина Аеродром со барање за вршење на инспекциски надзор.

Континуирани поплаки за управителот

Од Регулаторната комисија признаваат дека поплаките за „Хауз Мајстор Плус“, компанија која поседува лиценца од 2012 година, не се новост.

„До Регулаторна комисија за домување континуирано пристигнуваат претставки од граѓани речиси за сите лиценцирани управители, меѓу нив и Хауз Мајстор Плус. Во текот на годините имало претставки од различни природи“, наведуваат од таму, додавајќи дека сите претставки „се решени во најкус можен рок“.

Случајот со Кула Ц и блокадата на Заедницата на станари

На прашањето дали РКД е запознаена дека во Кула Ц од истиот комплекс, и покрај собраните потписи и укажувањата од Инспекторатот, „Хауз Мајстор Плус“ одбива да ја предаде зградата на новоформираната Заедница на станари, од Комисијата одговараат потврдно.

„За ова и други слични ситуации РКД се обраќа до овластениот општински инспектор за домување за спроведување на постапка и преземање на мерки согласно своите надлежности“, одговорија тие.

РКД нема инспекциска моќ, клучни се општинските инспектори

Од Регулаторната комисија за домување со особено појаснување за нивните законски механизми во вакви случаи. Тие нагласуваат дека немаат надлежност за инспекциски надзор, туку таа моќ лежи кај општините.

„Регулаторна комисија за домување согласно член 109 од Законот за домување нема надлежност за инспекциски надзор, туку само вршење на увид и проверка на работењето на управителите. РКД доставува предлог до надлежни органи (како општинските инспектори) за преземање на мерки“, се вели во нивниот одговор.

Тие прецизираат дека инспекцискиот надзор (според член 116) го вршат овластени инспектори во општините и општините на Град Скопје.

„Овластениот општински инспектор за домување за незаконско работење, односно за непримена на одредбите од законот, изрекува прекршоци“, заклучуваат од Регулаторната комисија за домување.