Русија и Белорусија ги засилуваат заедничките воени вежби

Русија и Белорусија ги интензивираа заедничките воени вежби, потпирајќи се на искуството што Москва го стекна за време на борбите во Украина и ја нагласија борбата во урбаните средини, објави Ројтерс, цитирајќи изјава на телевизискиот канал на белоруското министерство за одбрана.

Зголемената воена соработка меѓу двете земји доаѓа во време на шпекулации во Украина и на Запад дека Москва би можела да ја искористи Белорусија како отскочна даска за нов напад врз Украина од север. На 24 февруари – почетокот на војната – Минск и дозволи на Москва да ја користи белоруската територија за испраќање војници во Украина, потсетува Ројтерс.

„Регионалната структура на (руските и белоруските) трупи се обучува речиси без престан“, објави државниот ТВ канал ВоенТВ. „Интензитетот на обуката се зголемува се повеќе и повеќе. Целта е да бидеме подготвени и да можеме да одговориме на агресорот на сите фронтови“, се вели во соопштението.

Исто така, се вели дека посебно внимание се посветува на обуката за војување во градовите и се потпира на искуството на Москва стекнато за време на борбите во Украина. Се практикува и реакција на ситуации кога непријателот има позиции во различни згради.

Белоруското Министерство за одбрана претходно во четвртокот објави дека Москва и Минск ја зајакнале својата заедничка воена структура во Белорусија со оружје, војници и специјализирана опрема и планираат да одржат заеднички воздухопловни вежби. Денеска Министерството за одбрана соопшти дека двете земји ќе спроведат заеднички воздухопловни вежби во периодот од 16 јануари до 1 февруари, пренесе Ројтерс.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното