Најмалку три лица се повредени во експлозија на бомба во украинскиот град Мелитопол, кој е под руска контрола, соопштија руските власти.
„Денеска во 7:40 часот по локално време се случи силна експлозија во центарот на градот“, напиша во Телеграм Владимир Рогов, портпарол на руската воена администрација. Тој рече дека тоа е терористички чин.
Галина Данилченко, која ја предводи новата градска воено-граѓанска управа, го нарече нападот „циничен терористички чин на режимот во Киев“.
„Тоа е насочено против цивилите бидејќи тие се оние кои настрадаа“, изјави таа за телевизијата „Русија 24“.
Властите велат дека станува збор за бомба активирана под автомобил паркиран на плоштадот Победа, каде што се наоѓа зградата на руската воена управа. Во експлозијата се повредени доброволци кои истовариле руска хуманитарна помош, јавуваат руските медиуми.
Мелитопол се наоѓа на јужната граница на регионот Запорожје и руските сили го користат како административен центар, бидејќи главниот град на регионот – градот Запорожје, останува под контрола на Киев.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека е „срамота да се напаѓа цивилната инфраструктура во областите во Украина под контрола на Русија“, објави Ројтерс. Вака меѓу другото ја коментираше и експлозијата во Мелитопол.
