Абдулфета требал да си ја изврши работата како што треба и на тој начин нема да требал да спасува никого. Тој бил одговорен за вратите што беа отворени, ова го изјави обвинителката Вилма Рускоска во синоќешниот магазин Клик Плус на Тв21. Таа рече дека не е точно дека Абдулфета бил тој што го спасувал претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, туку во еден момент се нашол во ресторанот на Собранието и заедно со уште едно лице кое било дел од демонстрантите, кога го донеле Села, оттаму го префрлиле преку прозорот од кујната и преку пожарните скали го изнеле и го однеле во болница. Рускоска рече дека не е задоволна од пресудата и дека ќе вложи жалба.
„Тој дента бил одговорен за вратите што се отворија. Трча сведокот Владимир Стојков, кога ги вадат, сега амнестираните пратеници Крсто Мукоски и Сашо Василевски и како почнаа да ги вадат гредите, човекот трча и ги враќа назад. Абдулфета Алими стои на скалите и немо посматра. Не презема ништо. Негова задача тој ден била обезбедување на тие врати“, Вилма Рускоска – обвинител.
И додека еден дел од обвинетите добија казни, други беа амнестирани иако имаа и поголемо учество во настаните за тие да преминат во брутални. Поранешната судијка на Врховен суд Маргарита Цаца Николовска од една страна не ја поддржува амнестијата, но од друга страна, вели дека таа беше потребна.
„Што се однесува до амнестијата, на една страна на вагата е таа неказнивост, меѓутоа на друга страна на вагата е тој јавен интерес кој што во една насока беше донекаде и опстанок на државата“, изјави Маргарита Цаца Николовска – поранешен судија.
Судот пред десетина дена донесе одлука со која одреди казни на 16 од вкупно 17 обвинети, за настаните во Собранието на 27 април. Меѓу нив е и Абдулфета Алими кому му беше одредена 7-годишна затворска казна.
РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА