Дел од Берлин е парализиран по голем пожар на кабелска инфраструктура, кој остави без струја околу 45.000 домаќинства и 2.200 фирми. Германската полиција се сомнева дека станува збор за намерен напад, откако се појави писмо во кое непозната група ја презема одговорноста.
Инцидентот се случил во саботата наутро во југозападниот дел на германската престолнина, а надлежните стравуваат дека хаосот ќе потрае со денови.
Државната безбедност на нозе
Полицијата потврди дека случајот го презела службата за државна безбедност („Staatsschutz“), која истражува политички мотивирани кривични дела.
„Нашите колеги во моментов ја проверуваат автентичноста на писмото со признание“, соопштија од полицијата.
Пожарот избувнал на кабелски мост во близина на термоелектрана, при што биле оштетени повеќе високонапонски кабли.
Болници без струја, поправките ќе траат со денови
Мрежниот оператор „Stromnetz Berlin“ предупреди дека за околу 35.000 домаќинства прекинот може да потрае уште неколку дена. Погодени се населбите Николасзе, Целендорф, Ванзе и Лихтерфелде.
Сенаторката за економија на Берлин, Франциска Гифај (СПД), ја опиша ситуацијата како исклучително сериозна:
„Се соочуваме со особено тежок прекин на струјата кој погодува десетици илјади домаќинства и бизниси, вклучително и установи за нега, болници и бројни социјални институции“, изјави Гифај.
Мразот ги отежнува поправките
Ситуацијата дополнително се комплицира поради временските услови. Поправките се опишани како „сложени“, а работата на екипите е забавена поради ниските температури и замрзнатата почва.
Во спортски центар во градот веќе е поставено прифатилиште за итни случаи за граѓаните кои останале без греење и струја.

