Амбасадата на САД во Нигерија издаде безбедносно предупредување за своите граѓани поради можна терористичка закана насочена кон американски објекти и училишта поврзани со САД. Предупредувањето за западноафриканската земја беше издадено доцна во понеделник, објави Ројтерс.
Во соопштението им се советува на американските граѓани да преземат дополнителни мерки на претпазливост при посета на амбасадата во главниот град Абуџа и конзулатот на САД во трговскиот центар Лагос. Предупредувањето важи и за училиштата поврзани со САД. Амбасадата не даде детали за природата на безбедносната закана.
Амбасадата е во состојба на зголемена готовност откако САД и Израел започнаа координирани напади врз Иран. Нигериските власти, исто така, ја зголемија безбедноста во Абуџа во последните денови по заканите за проирански протести. Во северна Нигерија, дом на големо шиитско муслиманско малцинство под влијание на Иран, илјадници луѓе излегоа на улиците во поддршка на Иран.
