СДСМ ја обвинува опозицијата дека се против раст на минималната плата – ВМРО-ДПМНЕ: Ние сме за, но власта е таа која не е искрена со работниците

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска преку соопштение истакна дека во изминатите години се покажало дека се на страна на работниците, на страната на граѓаните.

Тие велат дека за неполни 5 години успеале минималната плата да ја зголемат за над 6.000 денари.

„Односно од 9.000 денари во времето на ВМРО-ДПМНЕ на 15.200 денари денес. Покрај минималната плата, со успешни економски политики среде здравствено-економска криза, ја зголемивме и просечната плата, пензиите, и социјалната помош. Минималната плата мора да продолжи да расте, тоа е заложба на СДСМ. Подобрувањето на животниот стандард на граѓаните, особено во време на енергетска криза е приоритет
Преку економско социјален дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите ќе дојдеме до решение кое е во интерес на сите страни. До усогласување на сите, за достоинствено вреднување на трудот и одржливо стопанство. Ново зголемување на минималната ќе обезбеди повисок животен стандард за работниците но и позитивно ќе влијае врз растот на останатите плати и зголемување на продуктивноста“, велат од СДСМ.

Тие додаваат дека за разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ е против зголемувањето на минималната плата.

„Трајко Славевски член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Советот на Град Скопје е главен говорник против зголемувањето на минималната плата. Замислете, за Славевски и ВМРО-ДПМНЕ тоа било неоправдано и нереално. На овој начин ВМРО-ДПМНЕ се става директно против работниците, против повеќе пари во семејствата“, велат од СДСМ.

На ова со реакција се јавија и од ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека тие се за раст на платите, но власта е таа која не е искрена со работниците.

Од таму додаваат дека ставот на г-динот Трајко Славески е негов личен став, исто како што постојат бројни ставови на експерти про и контра растот на минималната плата.

„ВМРО-ДПМНЕ принципиелно е за раст на платите во Македонија, вклучително и на минималната плата. Но суштинското прашање кое треба да се постави е дали владата со ова ќе постигне нивелирање на сите останати плати во државата? Сите работници имаат право да го остварат тоа, бидејќи инфлацијата која власта не успеа да ја сопре навреме ги засега сите граѓани. Доколку власта навистина искрено сака да постигне пропорционално нивелирање на платите во сите сектори, тогаш тоа може да го направи со платите во образованието согласно градацијата во колективниот договор. Тоа Владата може да го направи, бидејќи тоа е директно нејзина ингеренција. Дополнително, бидејќи власта на заевизмот создаде ненормални економски услови за стопанисување во Македонија, Владата има обврска да престане со крадењето и матните тендери и средствата да ги насочи кон поддршка на ослабените и уништените компании со цел растот на платите да го постигне целосниот ефект за сите субјекти во економијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие додаваат дека за жал власта на заевизмот со месеци, особено пред изборите ги манипулираше работниците, и ја злоупотребуваше темата,  па го одложуваше покачувањето на минималната плата, за сега да бара изговори и вина во други.

„Вината за економската состојба на граѓаните и нивниот стандард е единствено само кај власта, бидејќи таа создаде неподносливи економски услови и за работниците и за стопанството, кои само создаваат поголема сиромаштија и тонење“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.