Пациентите на Клиниката за онкологија повторно се соочуваат со недостиг на клучни лекови, алармираат од СДСМ, посочувајќи дека оваа недела недостасуваат биолошкиот лек Palbosiklib и лекот Bevacizumab (Авастин) – терапии од кои, како што наведуваат, директно зависи животот на многу пациенти.
„Иако Сашо Клековски јавно ветуваше дека нема да се дозволи повторно да нема лекови, институциите под раководство на ВМРО-ДПМНЕ не успеваат навремено да обезбедат терапија. Луѓето со месеци чекаат. Ова е директен удар врз нивното здравје“, се наведува во реакцијата од СДСМ.
Од Фондот за здравствено осигурување пак, директорот Сашо Клековски објасни дека доцнењето е резултат на технички проблеми поврзани со промените во системот за јавни набавки. Според него, јавната набавка е веќе отворена и се очекува стабилизација на снабдувањето пред велигденските празници.
„Тендерот за годишната набавка е отворен минатиот петок. Имаше доцнење поради промена на системот во Бирото за јавни набавки. Очекуваме дека пред Велигден сите лекови ќе бидат достапни во стабилни количини за следните 12 месеци“, рече Клековски во изјава за медиумите.
Во меѓувреме, пациентските здруженија апелираат итно да се реши проблемот, оценувајќи дека за секоја изгубена недела, последиците се несогледливи.