„Мачкање очи“ – вака од опозицијата ја оценија одлуката на Владата за ограничување на маржата до 10% за дел од основните прехранбени производи. Од СДСМ реагираа дека Владата ги замрзнала маржите за, како што велат, само 73 производи, додавајќи дека мерките од антикризните пакети на претходната власт опфаќале над 500 продукти. Според социјалдемократите актуелните економски политики се погрешни и со нив стандардот на граѓаните ќе се намалува.
„Со најавеното замрзнување на маржите на само 73 производи власта под притисок на јавноста мачка очи, а резултатот ќе биде никаков. Мерките на владата на Христијан Мицкоски се задоцнети и нема да имаат реален ефект ниту врз намалување на цените на производите ниту врз стандардот на граѓаните. Наместо економска политика гледаме калкулантска политика на Владата.“, велат од СДСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски одговори дека тезите на СДСМ се безидејни, а мерката со есенската кошница ги опфаќала производите што најмногу се користат овој период.
„Оваа есенска кошничка е таргетирана и е резултат на анкета којашто е правена со граѓаните – кои се производите коишто во оваа есен се најкористени од страна на граѓаните. Иста таква ќе има и предновогодишна, ќе има таква и пролетна.“, најави Мицкоски.
Со мерката се опфатени лебот, месото, оризот, јогуртот, млечните производи, овошјето, зеленчукот и друго… На рафтовите во маркетите овие 73 производи наскоро ќе започнат да се продаваат обележани со натписот – „помалку трошоци, повеќе за тебе“. Одлуката е донесена поради регистрираното поскапување на овие производи за разлика од цените лани. Според надлежните, покачените цени биле прекумерни и несразмерни во однос на трошоците на трговците. Т.н. есенска кошница ќе трае до 31-ви октомври.

