Од СДСМ денеска преку соопштение обвинуваат дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ го достигнала врвот на деструкција со блокирањето на законот за поголеми плати на 27.000 наставници кој очигледно не го прочитале.
„Ако се грижеа за наставниците, ВМРО-ДПМНЕ ќе знаеја дека со членот 21 од предлогот со измена на членот 66 од стариот Закон и додавање на нови членови, комплетно се дефинира платата која се состои од основна компонента и исклучителна компонента изразени преку бодови. Согласно членот 66-г, на наставникот кој реализира настава според наставен план и програма, му се исплаќа плата во висина на плата за 40 часовно работно време во неделата, доколку има неделен фонд од најмалку 10 наставни часа“, велат од СДСМ.
Од таму додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ не сака да се соочи со фактот дека со растот на минималната плата ќе расте и платата на наставниците и стручните соработници во основно и средно образование.
„Во член 66-ж од Законот наведено е дека министерството и репрезентативниот синдикат склучуваат спогодба со којашто се утврдува износот на вредноста на бодот за пресметување на платите, во рамки на предвидениот буџет и врз основа на вкупните даватели на јавни услуги.Вредноста на бодот за пресметување на платите на наставниците се усогласува и со растот на минималната плата утврдена според закон. Наместо да блокираат, демантираат, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нека го прочитаат законот и да престанат да ја лажат јавноста“, истакнуваат од СДСМ.
Со реакција се јавија и од ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека СДСМ се извор на лажни вести и дека сакаат партизација преку лажна вест дека зголемувале плати преку Законот за наставници.
„Со Законот за наставници кој тие го туркаат се овозможува партизација и се руши стручноста. Со предлогот на СДСМ се укинува приправничкиот стаж. СДСМ само го урива нивото на образованието, и не го подобрува воопшто квалитетот на наставата, ниту пак условите за просветните работници. Доколку владата беше искрена со наставниците таа ќе го прифатеше предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, со кој ќе се постигне нивелирање на платите, па наставник во основно и средно школо ќе зема до 45 илјади денари, тоа го овозможува предлогот на ВМРО-ДПМНЕ кој го одбиваат“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека СДСМ и Ковачевски покажаа дека не им се важни наставниците, туку партиската агенда за партизација на образованието.