Животот со алкохолот е пекол. Ако имате алхоличар дома трпи цело семејство.
Јас веќе 11 години редовно го посетувам клубот за лекувани алкохоличари во Прилеп. Доколку не постоеше овој клуб незнам каде ќе бев сега. Вака ја започнува својата животна приказна претседателот на клубот Стојан Мечев.
„Членовите на овој клуб ме мотивираа и убедија да стапам во апстиненција. Ме убедија дека имам проблем со алкохолот. Да не беше овој клуб по се изгледа ќе си го продолжев истиот пат. Тоа е пат на пеколот. Тешко е. Се знае како изгледа едно семејство каде има алкохоличар, што се би трпеле децата и жената“, вели Стојан Мечев, претседател на клубот.
Клубот денеска свечено одбележа 40 години од своето постоење. Го формирал примарис д-р Методија Николоски – Мец, за 40 години низ клубот поминале 3.600 граѓани кои имале проблем со алкохот. Моментално клубот брои 60-тина членови.
„Клучна алка во лечењето на оваа опасна болест е посетата и дружењето во овој клуб, дружењето тука и надвор од клубот“, вели Ташко Причков, најстар член на клубот.
Бројот на зависници од алкохол во Македонија во моментов бил над 83.000 лица. Алкохолизмот се повеќе се зголемувал кај младата популација и тоа особено кај женскиот пол.
„ Некогаш младите започнувале да се дружат со алкохолот на 14 години, а денес таа бројка е намалена на 12 години. Тоа значи дека застрашувачки е бројот на млади лица кои конзумираат алкохол“, вели Петар Стеваноски, член на клубот.
Клубот моментално функционира на волонтерска основа со 50 денари месечна членарина. Специјалистот по медицинска психологија, Јован Велески, кој работи како терапевт волонтер во клубот вели дека државата треба да вработи постојан кадар во овие здруженија и финансиски да ги помогни. Со тоа ќе заштедел и самата држава.
„Еден болнички ден за еден алкохоличар чини 2.400 денари. Ако лежи најмалку 2 недели тоа се околу 30.000 денари кои ќе го коштаат Фондот. Тука посетата се одвива со 50 членарина и се одржува апстиненцијата затоа што техниките и мрежата е разработена“, вели Јован Велески, специјалист по медицинска психологија.
За 4 децении спасени се многу животи во овој клуб, доколку тој не би постоел голем број семејства ќе биле растурени досега, токму затоа државата и општината е должна по секоја цена да им помогне на зависниците и на апстинентите и тие да имаат нормален живот. Потребно е итна финансиска поддршка на овие клубови и вработување на стручни лица.
Извор: Сител