Во Кривичниот суд Скопје продолжува судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски со изведување материјални докази предложени од Обвинителството. Обвинети се Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, кои не се чувствуваат виновни.
На рочиштето се презентираа шест ЦД дискови со снимки од безбедносните камери на куќата на обвинетиот Велибор Манев, кои опфаќаат период од 20 ноември до 3 декември 2023 година. Судот ги прифати како доказ по предлог на Обвинителството.
Судијата Ивица Стефановски го одби барањето на Љупчо Палевски за изземање на обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска, како и на шефот на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, наведувајќи дека нема основа за пристрасност.
Според обвинението, осомничените испланирале киднапирање на 14-годишната Вања за откуп, а Панче Жежовски бил грабнат за да им го предаде своето возило „Цитроен“, со кое планирале да ја киднапираат девојката. Двајцата беа пријавени за исчезнати во ноември, а нивните тела беа пронајдени на 3 декември 2023 година.