Се заканува недостиг на гориво во Европа поради кризата на Блискиот Исток

Европа се соочува со сериозен ризик од недостиг на гориво веќе во наредните недели, поради ескалацијата на кризата на Блискиот Исток и нарушувањето на глобалните енергетски текови. Алармот го вклучи извршниот директор на Shell plc, Ваел Саван, кој предупреди дека последиците од недостигот на нафта и гас веќе се чувствуваат во делови од Азија, а брзо може да се прелеат и во Европа.

Според него, намалената достапност на енергенси ги принудила некои азиски економии да ја кратат потрошувачката, сценарио кое би можело да се повтори и на европскиот континент доколку кризата дополнително се продлабочи.

Британскиот весник Телеграф пишува дека европските влади веќе разгледуваат можни мерки за ограничување на побарувачката на енергија – чекор што не е преземен од големата енергетска криза во 2022 година.

Клучниот удар врз глобалниот пазар доаѓа по одлуката на Иран да го затвори Ормутскиот теснец, низ кој поминува околу 20 проценти од светските испораки на нафта и течен природен гас. Овој потег предизвика сериозни нарушувања во снабдувањето и дополнително ги зголеми стравувањата од глобален енергетски шок.

Во меѓувреме, Обединетото Кралство ги предводи меѓународните напори за повторно отворање на теснецот, при што се разгледуваат и алтернативни безбедносни операции, вклучително и употреба на беспилотни летала за отстранување на поморски мини.

Паралелно со дипломатските напори, растат и воените тензии. Американскиот претседател Доналд Трамп наводно разгледува опција за распоредување падобрански сили во близина на иранскиот брег, иако јавно тврди дека преговорите со Техеран сè уште се во тек.

Според дипломатски извори, Џеј Ди Венс би можел да преземе клучна улога во потенцијалните разговори, бидејќи иранската страна одбива директна комуникација со претставници блиски до администрацијата на Трамп. Недовербата, како што наведуваат извори од регионот, произлегува од претходните нуклеарни преговори, кои Иран ги смета за неуспешни и штетни.

Со оглед на развојот на настаните, аналитичарите предупредуваат дека Европа би можела повторно да влезе во период на енергетска неизвесност, со можни рестрикции, раст на цените и дополнителен притисок врз економијата.